По обвинувањата од страна на бизнисменот Зоран Азманов дека Ивица Коневски, барал од него да донира во клубот МЗТ, со свој став за „Скопје 1“ излезе и ексградоначалникот на општина Аеродром. Коневски вели дека Азманов со реченицата „Едино Ивица Конески бараше за МЗТ големи суми пари, донации и сме ги плаќале, што да правиме“, не кажува дека бил рекетиран. Исто така, Коневски тврди дека Азманов сакал да се доближи до него, па затоа донирал пари.
„Очигледно Азманов не помагал добронамерно на спортот, туку имал намера да ми се доближи на мене како градоначалник. Не е точно дека секој градежник помагал на спортот, туку давале оние кој имал желба. Кој помагал, може да се обратите во клубот, а сите информации се официјални“, вели Коневски за „Скопје 1“.
Коневски тврди дека тој не дозволил бизнисменот Азманов да му плати кафе, а не пак да добие нешто повеќе од него.
„Ако најуспешните луѓе, бизнисмените не помагаат на спортот, тогаш, нема да имаме спорт во Македонија. Во спортот помагаат најмоќните луѓе. Очигледно, дотичниот господин немал желба да помага. Тој сакал да се доближи до мене. Јас не сум дозволил на Азманов и таквите како мене едно кафе да ме частат“, додава Коневски за „Скопје 1“.
