Македонија

Телото на мигрантката Фатма тргна за Сиера Леоне, сопругот останува да се бори за правдата

Телото на Фатма конечно тргна од Бутел за Сиера Леоне, три месеци по нејзината смрт  кај Гевгелија.

Second tree објави дека заврши тримесечната голгота која почна со насилна смрт на 23-годишната девојка при обид преку мигрантската рута и Македонија да стигне до западна Европа, објавува Телма.

„Нејзиното тело денеска ја напушти Северна Македонија. Таа наскоро ќе биде во Сиера Леоне со семејството, по нејзиното последно патување“, објави организацијата.

Нејзиниот партнер Абу Бакар нема да присуствува на погребот. Тој решил да остане во Скопје за да се бори за вистината и правдата за сопругата.

„Видовме секакви работи, од едноставна бирократска неефикасност до отворена корупција. Ќе беше сосема невозможно да го сторам тоа сам“, рече Абу Бакар.

Фатма загина во граничен инцидент на 19-ти април. При расправија и туркање на полицаец и криумчар на мигранти, пиштолот истрелал куршум со кој е убиена 23-годишната девојка.

Главен осомничен е полицаецот, иако МВР првично соопшти дека криумчарот бил тој што пукал. Обвинителството сметаше поинаку и побара да му биде одземен пасошот на полицаецот кој е првоосмничен, но истрагата не е завршена и не е утврдена одговорност за смртта на девојката. Во полициските билтени често има случаи на криумчарење мигранти.

На почеток