Универзитетскиот професор Темелко Ристески го брани Џафери: Еден Деловник-едно толкување
Универзитетскиот професор Темелко Ристески го брани собранискиот спикер Талат Џафери и тврди дека членовите од Деловникот на Собранието на кои се повикуваат опозиционерите не се однесуваат на постапката за прекинување на седница на Собранието.
Еден Деловник-едно толкување. Опозицијата го обвини собранискиот спикер дека со одлуката за прекинување на седницата на Собранието по предлогот за пристапување кон измена на Уставот го повредил Деловникот на Собранието. При тоа претставниците на опозицијата се повикуваат на членовите 95 и 96 од Деловникот, а го споменуваат и членот 165. Одредбите на овие членови не се однесуваат на постапката за прекинување на седница на Собранието. Прекинувањето на седница на Собранието е регулирано само со член 81 од Деловникот на Собранието“, напиша Ристески.
Тој додава: „Според член 81, став 1 од Деловникот Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата ако нема мнозинство пратеници потребно за одлучување И ВО ДРУГИ СЛУЧАИ КОГА ЌЕ ОЦЕНИ ДЕКА ТОА Е НЕОПХОДНО.
Претседателот на Собранието, во исто време и пратеник и, како претседател, тој е „прв меѓу еднаквите.“Според членот 63, став 3 од Уставот, ПРАТЕНИКОТ ГИ ПРЕТСТАВУВА ГРАЃАНИТЕ И ОДЛУЧУВА ПО СВОЕ УВЕРУВАЊЕ. Во конкретниов случај Претседателот на Собранието, оценил дека е неопходно да се прекине седницата и, по свое уверување, одлучил да ја прекине. Дилема нема. Еден Деловник – едно толкување. Друго толкување на Деловникот на Собранието по прашањето за прекинување на седница на Собранието не може да има“, додаде тој.