Студентите масовно се мобилизираат и укажуваат дека се многу револтирани
Организацијата “Студентски отпор” најавува голема мобилизација на студентите. Укажуваат дека ги имаат истите проблеми како минатата година. Опција е и организирање на протести.
“Како и секоја академска година, така и оваа 2023/24 студентите повторно се соочуваат со истите проблеми од претходните години.
Имено, годинава, месечната кирија во студентските домови се зголеми на 3945 денари, трошоците за амортизација на 700 денарии, за испринтани 4 листови А4 формат при вселување студентите плаќаат 500 денари, а 300 денари за фиктивната картичка за јадење која не се користи воопшто.
Еден од најголемите скандали пред почетокот на академската година е тоа што на студентите во студентските домови им е УКИНАТ и појадокот. Наместо да добијат зголемување на сумата на ССО, МОН им скратува појадок и им ја зголемува киријата за 30%.
Исто така, во однос на Субвенционираниот Студентски Оброк на само две недели пред почетокот на новата академска година се уште немаме информација на кои места и во кои угостителски објекти ќе можат да се користат наменетите средства за ССО.
Студентски отпор бурно ги следи проблемите и најавува масовна мобилизација на сите студенти и жестока реакција за студентските проблеми кои секоја година се полоши и полоши. Протести и демонстрации се една од опциите!”, велат од Студентски отпор.