Американските воени претставници побарале помош од јавноста за пронаоѓање борбен авион откога му изгубил трага некаде над Јужна Каролина кога пилотот се катапултирал, пишува „Гардијан“.
Пилот безбедно се катапултира од „Ф-35 лајтнинг II“ над Северен Чарлстон во неделата попладне по несреќа, соопштија воени претставници, а потрагата по неговиот исчезнат авион сега е фокусирана на две езера северно од Северен Чарлстон.
Пилотот безбедно паднал со падобран во Северен Чарлстон околу 14 часот и бил пренесен во локална болница, каде што е во стабилна состојба, изјави мајор Мелани Салинас. Името на пилотот не е објавено.
Врз основа на локацијата и планот за летање „Ф-35 лајтнинг II“ би можел да биде некаде околу езерото Мултри или езерото Мерион, рече наредникот Хедер Стентон. Двете езера се наоѓаат северно од Северен Чарлстон и таму сега е насочена потрагата.
Локалната конгресменка Ненси Мејс прашува како е можно да се изгуби авион.
„Како, по ѓаволите, губите ‘Ф-35’? Како тоа нема уред за следење? Што бараме сега? Јавноста да го најде и да го врати?“, праша таа.