Македонија

Сашко Јовев за „Фокус“: Не е точно дека сум нападнал некого, жртва сум на секојдневен мобинг и од стрес лежам на Кардиологија

Не е точно дека јас сум нападнал некого. Практично, јас пријавив вербален напад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата, вели во изјава за „Фокус“ кардиохирургот и поранешен директор на Клиниката за кардиохирургија во Скопје, Сашко Јовев.

Неговата изјава следува откако претходно денеска Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека актуелниот директор на Клиниката, Марјан Шокаровски, бил физички нападнат од вработен во установата со иницијали С.Ј., кој, пак, самиот го пријавил нападот в полиција.

„Не е точно дека јас сум нападнал некого. Нападoт е најдобра одбрана. Практично, јас пријавив вербален напад и само буткање во кое имам повреда на окото од лупите на колегата. Тој што сум пријавил сум јас“, вели Јовев за „Фокус“.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР), претходно денеска во полициско соопштение информираа дека директорот на Клиниката за кардиохирургија претпладнево бил физички нападнат од вработен во Клиниката.

Според информациите на полицијата, нападот го извршил вработен во Клиниката со иницијали С.Ј. Тој претходно вербално нападнал медицинска сестра, а потоа и физички се пресметал со директорот на Клиниката. По инцидентот, С.Ј. ја напуштил Клиниката и самиот се пријавил во полициската станица Центар.

На почеток