Се одржувале и тајни средби меѓу Зоран Заев, Никола Груевски и Али Ахмети – детали
Последните измени на Кривичниот законик, во делот на скратување на казните за „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злосторничко здружување“, се крчкале цели 3 години, пишува „Фокус“. Во овој процес биле вклучени СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а се одржувале и тајни средби меѓу Зоран Заев, Никола Груевски и Али Ахмети. Но, првиот пат од овие измени отстапил Заев, додека сега се повлекол Христијан Мицкоски.
Ова го откри лидерот на ДУИ Ахмети, кој во телевизиско интервју истакна дека измените на Кривичниот законик не претставуваат амнестија или помилување како резултат на политички пазар, туку, како што вели, се прави корекција на еден неправеден закон што е реликт од поранешна Југославија, со цел рационалност и забрзување на постапките.
Воедно, тој откри дека темата за овие измени на КЗ е отворена веќе 3 години, во кои, како што појаснува, е разговарано и дебатирано со опозицијата да се укине Кривичниот законик. Сепак, според неговите тврдења, на крај испаднала интересна ситуација. Имено, измените прво се одложиле бидејќи Заев се откажал, додека сега тоа го направил Мицкоски.
–На крај испадна интересен епилог. Првично, не се согласуваше Зоран Заев. Потоа кога се договоривме да се укине, договорот со СДСМ затоа што СДСМ првично се повлече, кога се договоривме со СДСМ се повлече ВМРО. Се повлече Христијан Мицкоски од измената на Кривичниот законик и ова беше големо изненадување.
Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на овој Законик и да се усогласи со европските стандарди. Во тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО – обелодени Ахмети.