Свет

Балаш Орбан: Унгарија ќе го блокира пристапот на Украина во ЕУ додека не се смени законот за јазиците

Балаш Орбан: Унгарија ќе го блокира пристапот на Украина во ЕУ додека не се смени законот за јазиците

Балаш Орбан, политичкиот советник на унгарскиот премиер, изјави дека Унгарија ќе го блокира пристапот на Украина во ЕУ додека Киев не го промени неодамна воведениот закон за јазиците, кој, како што рече, ги крши правата на унгарското малцинство.

dobivaj vesti na viber

Европската комисија (ЕК) утре ќе претстави позитивен извештај за реформите во Украина, Молдавија и шесте балкански земји кои сакаат да станат членки на ЕУ, а, според ЕК, Киев е подготвен да ги започне пристапните преговори.

Сепак, унгарската влада се заканува со вето на следниот самит на ЕУ во декември, на кој лидерите на европските влади мора да го ратификуваат предлогот на ЕК за Украина, наведувајќи го како причина кршењето на правата на унгарското малцинство во Украина во регионот Закарпатија, објави холандскиот јавен сервис НОС.

Унгарското малцинство живее во Украина повеќе од еден век, откако Унгарија мораше да им отстапи територии на соседните земји по Првата светска војна.

„Воведени се нови закони кои им го отежнаа животот на Унгарците во Украина“, рече советникот на унгарскиот премиер во НОС, мислејќи на неодамна воведениот закон за јазици кој ги обврзува сите малцинства, не само унгарските, да добијат најмалку 70 отсто од образованието на украински јазик, пренесува Танјуг.

Ова предизвика загриженост во Унгарија дека децата кои растат во семејство каде што се зборува унгарски во Украина, значително ќе заостанат во совладувањето на училишната програма.

„Позицијата на Унгарија е кристално јасна: се додека постои овој закон, не може да има разговори со Украинците за нивна интеграција во ЕУ“, рече Орбан.

Во Украина, заканата со вето на Унгарија се смета за цинична игра бидејќи Унгарија продолжува да одржува добри односи со Русија.

Украинскиот закон за јазикот на малцинствата во образованието треба малку да се измени, советува ЕК.

Во Брисел стравуваат дека унгарската влада ќе заземе непомирлив став по ова прашање за да добие субвенции од ЕУ.

Брисел одбива да ги плати овие средства во износ од повеќе од 20 милијарди евра, се додека има проблеми со корупцијата и владеењето на правото во Унгарија.

На почеток