Македонија

Објавена меѓународната потерница по осомничениот убиец на Вања и Панче

МВР ја објави потерницата по првоосомничениот за организираното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, лицето Љупчо Палески-Палчо. Тој се сомничи дека и пукал во двете лица. Тој има 58 години.

Се бара за кривичните дела, грабнување и убиство. Тој е еден од петмината осомничени за убиството. Палчо ја напуштил Македонија на 30 ноември, заминувајќи за Белград, па од таму за Бугарија. Истрагата се сомнева дека заминал поради страв дека ќе биде откриен како извршител на убиствата.

Кој е Љупчо Палевски- Палчо, човекот за кој истражните органи открија дека пукал и ја уби 14-годишната Вања Ѓорчевска, човек познат и на јавноста и на полицијата?

Во 90-те години, во времето на владеење на СДСМ, моќен градежник, попознат и по прекарот УПА по неговата градежна фирма ,,Упа Ентерпрајз”. Палевски во еден период го основа и води неделникот „Старт“, познат по опозициската ориентација. Палчо ја врши и функцијата претседател на градска организација на СДСМ и е инвеститор во нивно време на подрачјето на Центар. По менувањето на власта, со многу помпа и сензации се урива диво изграденото поткровје на негова вселена зграда во скопско Дебар Маало. Во 2017 година, Љупчо Палевски беше на распит во тогашното СЈО поради тоа што неговото име се врзуваше со прислушуваните разговори, односно приватните разговори кои што беа објавени на Каналот „Јутјуб“ под корисничко име „Никола Тесла“. Стануваше збор за приватни разговори на политичари и новинари.

Во 2019 година е притворен во Белград во моментот кога сакал да се качи во авион и да отпатува во Москва поради активирана потерница од Хрватска од 2015 година, каде останал задолжен 2.500 евра.

На јавноста и е познат по тоа што откако беше пуштен на слобода од притвор во Србија, во Македонија преку својата активност беше критички настроен кон власта и кон работата на поранешниот прв човек на службата за државна безбедност во МВР Сашо Мијалков.

Во 2020 година е објавено дека е нападнат и претепан претседателот на движењето Трета и активист во партијата „Глас за Македонија“ – Љупчо Палевски, во близина на неговиот дом.

Партиите бараа сторителите да бидат најдени и соодветно казнети. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски изјави дека сторителите на таквиот грозоморен чии се познати, а инспираторите на тоа треба да се бараат во врвот на власта.

Од владејачката СДСМ побараа надлежните институции брзо да го расветлат случајот, да ги пронајдат сторителите и тие да бидат соодветно санкционирани. Ваквиот чин беше осуден и од партијата на Палевски, „Глас за Македонија“, Левица, и Демократскиот сојуз .

Палевски исто така во мај годинава бил фатен со пиштол без дозвола во близина на тунелите Демир Капија- Јаворица, каде со неколку лица барале злато. Му бил одземен пиштол марка „валтер“ кој нелегално го држел кај него.

Љупчо Палевски-Палчо е убиецот на Вања Ѓорчевска. Ова го посочи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој избеганиот го квалификуваше како монструм. Според него, Палчо се исплашил и побегнал од Македонија во Белград, па Бугарија и понатаму се утврдуваат сите аспекти. Од државата излегол на 30 ноември.

Секојдневно активен на социјалните мрежи, тој реализираше и поткаст емисии, искажувајќи ги своите тврди ставови против западните политики. На социјалните мрежи има десетици профили со ова име, но и со исто лого. Споделуваат иста пропаганда. Имаат и свое седиште, кое се наоѓа во Кисела Вода. Организираше низа дебати на кои онлајн, граѓани поставуваа дилеми и прашања.

Движењето „Десна“, месецов требало да слави една година постоење.

„ДЕСНА која се подготвува да прослави прва годишнина на 12 Декември оваа година, јасно става до знаење дека треба и мора да се преуреди законот за користење на симболи и знамиња на начин што не само местото, туку ќе ја уреди и количината на нивно користење, секако и ДИМЕНЗИИТЕ на сите знамиња кои се употребуваат во државава. За ДЕСНА, оваа провокација е уште една причина и доказ дека поништувањето на договорот со Грција е неопходност без која Македонскиот народ нема шанса да преживее и дека треба многу по сериозно да се надгради политичкото делување на сите политички субјекти надвор од СИСТЕМОТ на КУ**О и МУРТО. Политичкото делување мора да се дислоцира од СОЦИЈАЛНИТЕ мрежи затоа што токму тие, социјалните мрежи се нај силниот издувен вентил на Македонската емоција и бес, но под комплетна контрола на Атлантистиве и нивните вистински газди , ЦИОНИЗМОТ. Провокацијата е само логичен след на проектов во кој живееме и исчезнуваме како Македонци, како мнозински народ, без сопствена политика или пак со политика во раѓање со име Политичка партија ДЕСНА“, објавил Палчо.

Додека целата јавност беше потресена од исчезнувањето на девојката, осомничениот Љупчо Палевски, секојдневно објавувал статуси на социјалните мрежи со политички пораки. Палевски активно ги промовираше своите десничарски и проруски идеи и заложби.

На почеток