Може да работат, ама да си ги исплатат работниците со соодветни дневници – Ковачевски за препораката да се работи за празниците
Специјални проверки дали работниците се исплатени за работата за време на празниците нема да има, а Владата останува на препораката трговците да работат за празниците. Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема потреба од такви контроли, исто како што не се прават контроли во медиумите за да се види дали медиумските работници добиваат пари за работа во недела.
„Ова беше (работење за празниците) барање на трговците и угостителите, доминантно. Божиќните и новогодишните празници се секогаш период кога граѓаните купуваат подароци. Тоа за трговците е можност за поголем промет. За работниците е добра можност да остварат поголем приход. Работниците ќе бидат платени за работа во недела и работа во неработни денови. Тоа мислам дека нема да биде проблем“, вели Ковачевски.
Пазарната инспекција ќе работи регуларно, согласно планот за работа, без зголемени контроли.
„Исто како и вас медиумите, вашите директори ве исплаќаат за работа во недела според закон, тоа се однесува и на другите дејности. Немам видено дека Пазарна инспекција одела кај вас во медиуми за да види дали ги добивате вашите заслужени часови за работа во неработни медиуми. Штом немаме поплака од вас, тоа значи дека сите го исполнуваат тоа што е законска обврска“, додава Ковачевски.