Македонија

Незири и тепачите кои влегоа во М-НАВ ќе одговараат кривично, обвинител го чека МВР

Кривична одговорност ќе има за Беким Незири од М-НАВ и тепачите кои ги пропушти во контролната кула за летови. Обвинителството посочува дека ја очекуваат кривичната пријава, по која ќе постапуваат. МВР вчера изврши разговори со лицата кои се пријавени, а беа повикани во полициска станица.

„Во моментот се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Основното јавно обвинителство Скопје во текот на денот очекува кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, а за натамошната постапка соодветно ќе ја информира јавноста“, велат од Обвинителството.

„Скопје1“ се обиде да исконтактира со Незири на телефонскиот број кој го користеше до скоро време, но таму се јави друго лице со тврдење дека бројот повеќе не е на пропуштачот на тепачите. Прашавме во МВР, но не добивме одговор, дали Незири е достапен за органите на прогонот.

„МВР ја известува јавноста дека во полициска станица се четири лица инволвирани во нападот врз вработени во МНАВ, кој беше пријавен денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот и со нив се вршат службени разговори, по што во координација со ОЈО ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Исто така, се преземаат мерки за пронаоѓање на уште четири лица. Ја известуваме јавноста и дека МВР во наредниот период континуирано ќе ја обезбедува зградата на МНАВ“, велат од МВР.

На почеток