Македонија

„Драма во Скопје, напаѓачи претепаа контролори на летање во контролната кула“, – скандалот со М-НАВ оддекна во соседството

„Драма во Скопје: Напаѓачите влегоа во контролната кула и претепаа контролори на летање, реагираше и НАТО“. Ова е насловот со кои медиумите од соседството известуваат за упадот во М-НАВ и тепањето на контролори на летање. Скандалот излезе надвор од границите на Македонија. Десетици медиуми известуваат за скандалот кој со денови е актуелен во јавноста, а додека Беким Незири од ДУИ осомничен дека ги организирал и пуштил тепачите, е на слобода.

За скандалот, целосен извештај има на српските „Н1“, „Нова.рс“, „Телеграф“, „Новости“, „Блиц“ – медиуми кои се едни од најчитаните во соседството.

„Почетокот на годината во Северна Македонија го одбележа скандал кога осум лица упаднаа во контролата на летање (М-НАВ) и вербално и физички ги нападнаа дежурните контролори кои во тој момент се грижеа за безбедноста на сообраќајот во небото. Поради инцидентот реагираа НАТО, ЕУ, како и странските амбасади, а раководството на таа служба набрзо беше сменето“, пишува во текстовите.

Реакциите на НАТО, странските амбасади, но и деталите споделени од истрагата се само дел од извештаите. Ги опишуваат и конекциите меѓу Незири и тепачите.

„ Е.С. (близок соработник на Беким Незири) го удрил контролорот, по што Незири почнал да вика и да му се заканува. Насилниците им довикувале на уште двајца албански контролори“, се додава во текстот на „Нова.рс“ и „Н1“.

За овој случај, има осомничени, но не се знае кога ќе се бара одговорност. Случајот е во рацете на Обвинителството. Упадот се случи на 4. јануари кога седум лица, заедно со Незири влегоа во контролната кула за летање. Објектот е силно обезбеден, а според истрагата, пристап обезбедил токму Незири од ДУИ. Сомневањата се дека тој и ги организирал тепачите, а со оглед дека тие дошле таму кратко по прес-конференцијата на Синдикатот на контролори на летање. Потоа, следуваше викање и тепање.

Обивнителството бараше притвор за четири лица, меѓу кои Незири – но залудно. Кривичен суд не одобри. Потоа следуваа серија препукувања на релација судии-обвинтиели, за прашањето кој е крив што не е одобрен притвор. На ред за одлучување е Кривичен совет.

На почеток