Македонија

Пендаровски нема да има предност пред другите можни кандидати за претседател од СДСМ

Не се знае кој ќе биде претседателски кандидат од СДСМ, но и дали Стево Пендаровски ќе ја добие поддршката од партиските органи. Премиерот Димитар Ковачевски посочува дека во моментов се собираат предлозите од општинските органоци на партијата, па ќе има состаноци, по што ќе се одлучи.

„СДСМ отпочна процедури за номинација на нови кандидати за претседател на државата. Во таа номинациската трка, сите можни кандидати имаат еднаква стартна позиција. Вчера имаше први состаноци на општинските раководства“, кажа Ковачевски.

Пофални зборови доби и Пендаровски.

„За претседателот Пендаровски, јас имам кажано дека успешно го извршуваше мандатот. Сметам дека сите граѓани ги третираше со еднаква почит без разлика на припадноста по било кој основ. Можам да зборувам за вредности какви треба да дели кандидатот, меѓутоа не можам да прејудицирам кој ќе биде кандидатот“, додава Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „Тема на денот“ на ТВ Сител изјави дека максимум во втората половина на февруари ќе се изјасни дали ќе се кандидира за втор претседателски мандат.

На почеток