Македонија

Талат си се исели од Собрание сосе кабинетски службеници, сега ги сместува во Влада

Талат Џафери експресно го испразни собранискиот, а го наполни премиерскиот кабинет. Со себе во Влада си ги однесе и сите кабинетски службеници, од шефови до заменици и раководители.

Потврда за тоа е што денеска, при примопредавањето на функцијата со Димитар Ковачевски, пред владините порти го пречека Вјолца Бајрами, која до вчера му беше заменик шеф на Кабинетот, а важи за негов човек од доверба кога во прашање се медиумите.

Пред Владата, го пречека и Бојана Панковска, која е шеф на протокол, односно државен советник за јавни дејности. Панковска е позната по тоа што оди таму каде што е Џафери. Со него беше во Министерство за одбрана, па во Собрание, за сега да седне во владино столче.

Под рака со Џафери во Влада, заминува и Илир Селмани. Тој досега му беше шеф на Кабинет во Собранието, а веројатно, истата функција ќе ја извршува и во владиниот кабинет.

„Скопје1“ побара детали од Бајрами, која комуницира со новинари, за тоа кои други соработници заминуваат да работат со Џафери во Влада – но втор ден не добиваме одговор. На видеото при влегувањето на Џафери во Владата се гледаат и други лица од поранешниот Кабинет на Џафери во Законодавниот дом.

На почеток