Македонија

Вила Водно остана само желба за осуммина кои сакаа да се тркаат на претседателските избори, а не собраа ниту 10.000 потписи

Од 15 претенденти, само седум влегуваат во претседателската трка. Другите, не успеаја да ги соберат потребните 10.000 потписи кои ќе им помогнеа да застанат на стартната линија да се обидат да се „качат“ до Вила Водно. Дел од тие кои не успеаја да ги убедат граѓаните да се потпишат за нив, во изминатите денови убедуваа дека се сигурни дека ќе ја добијат поддршката.

Па така, желбата за кандидат нема да му се исполни на Вело Марковски кој прв најави дека ќе поднесе кандидатура. Тој има само 1634 потписи, далеку од доволното за да може да подготвува и кампања. Без ниту еден потпис е Томе Николоски, едно од лицата за кои најголем дел од јавноста не знае буквално ништо. Последни влегоа и брзо излегоа од игра – Гоце Ристов и Драган Николовски кои имаат по шест потиси.

Најинтересен за јавноста беше Господин Поповски од Вевчани. Него го поддржаа 145 граѓани со потпис, а со нив, не може да продолжи кон Вила Водно каде е претседателската резиденција. Дома си останува и Ѓорѓи Манасков, за него, играта завршува. Истото важи и за Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачката партија.

Иако беше убедена дека ќе ја добие поддршката која и е потребна, Зорица Цветковска не влезе во трката за претседател. Таа беше децидна дека граѓаните ќе застанат зад нејзе, а е предлог на „Десна“, партија на Љупчо Палевски-Палчо кој е осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Седумте кандидати кои ќе имаат кампања и се претседателски кандидати се Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ која собра и најмногу поддршка, Стево Пендаровски од СДСМ кој бара втор мандат, Арбен Таравари како претставник на албанската опозиција, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска од Левица.

На почеток