(Видео) Возачот на Палчо бил ослободен од притвор по предлог на обвинител, вели Судот
Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифоска која ја води истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, побарала Стефан Димковски да биде пуштен од притвор. Ова го тврдат од Кривичниот суд, од каде велат дека постапиле по тој предлог.
„По предлог на надлежен обвинител за укинување мерка притвор за с.д. и определување мерки за претпазливост, судија на претходна постапка му определи мерки, забрана за напуштање живеалиште/престокувалиште, одземање пстна исправа, обврска за јавување во суд и одземање односно забрана за користење возачка дозвола“, велат од Кривичен суд.
Во Обвинителството прашавме – дали Димковски и натаму има статус на осомничено лице, како и дали има нови моменти во истрагата, со оглед дека има и прво ослободување од притвор. Оттаму до овој момент нема одговор.
Претходно, „Скопје1“ објави дека Димковски пред неколку дена бил пуштен од притвор. Одлуката ја донел Кривичниот суд, откако претходно, судија на претходна постапка во три наврати му го продолжуваше притворот и три месеци го држеше зад решетки. Сега Димковски ќе се брани од слобода. Димковски е осомничен дека му помогнал на Палчо да избега од Македонија, откако тој го извршил двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Димковски во декември, пред да влезе во судот каде му беше одреден притвор, на прашање од „Скопје1“ кажа дека не се чувствува виновен во овој случај. На прашањето дали пак би го возел Палчо како што направил претхдоно, тој додаде: „Јас го возев на болница“.
„Скопје1“ во декември објави детали за осомничениот и неговиот исказ.