Протести во Израел: Демонстрантите бараат од Нетанјаху прекин на огнот во Газа и враќање на заложниците
Илјадници Израелци демонстрираа барајќи од премиерот Бенјамин Нетанјаху да обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа и да дозволи враќање на израелските заложници кои ги држеше Хамас, објавија денеска локалните медиуми.
На протестот во Тел Авив, одржан додека претставници на Хамас преговараат во Каиро со египетските и катарските посредници, незадоволните израелски граѓани и роднините на повеќе од 130 луѓе кои се уште се во заробеништво на Хамас рекоа дека мора да се направи се за да се вратат сите киднапирани дома, пренесува Ројтерс.
„Денес сум тука да го поддржам договорот. Мораме да ги вратиме. Мора да вратиме сè, и живи и мртви. Мораме да ги вратиме и мора да ја смениме оваа власт. Ова мора да заврши“, рече еден од учесниците на протестот.
Владата на Нетанјаху инсистира дека нема да ја прекине војната додека Хамас не биде уништен и сите заложници не се вратат, но во тек се интензивни дипломатски напори за да се обезбеди прекин на непријателствата што може да доведе до целосно примирје.
Сепак, Нетанјаху се соочува со притисок од националистичките верски партии во неговата коалиција да го отфрли договорот со Хамас и да продолжи со долгоочекуваниот напад врз градот Рафах.