КСОМ и возачот на автобусот што удри во жардиниера тврдат дека возилото било технички неисправно
Двокатен автобус на ЈСП „Скопје“ вчера околу 14 часот удри и се качи на жардиниера на раскрсницата кај Трговскиот центар „Мавровка“ и Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски“ во скопски Центар.
Според возачот, несреќата се случила поради техничката неисправност на возилото. Тој ова го кажа на прес-конференцијата која пред управната зграда на ЈСП денеска ја одржаа претставници на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ), кои посочија дека и покрај неколкуте алармирања, автобусот повторно бил пуштен во сообраќај како исправен.
„Јас го приметив автобусот дека не е исправен. Јас ќе пријавам дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисирано и исправно е за линија. Со години сообраќам на линијата 2-ка, од Сарај до Автокоманда и обратно, ги знам најситните дупки. Таа линија ја возам и мене не може такво нешто да ми се случи. Мене ми побеле коса од волан и сега јас целиот се ежам додека зборувам. Жал ми е за патниците, пред се, кои добија стрес и за мене исто така“, рече возачот на автобусот.
Според претседателот на КСОМ, Марјан Ристески, директен виновник на вчерашната несреќа е градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Замислете доколку такво нешто се случело тогаш, затоа што се работи за технички проблем на автобусот, додека шоферот максимално направил што можел“, вели Ристески.
Ристески вели дека за конкретниот автобус неколкупати било пријавувано дека е технички неисправен, но и покрај тоа бил пуштен во сообраќај, а пред извесен период, како што рече, го користеле на линија до Водно.