Повеќе од месец се молчи дека угинал бизонот во Зоолошка, и други животни се во тешка состојба
Од воспаление на белите дробови угинал бизонот во Зоолошката градина, потврдуваат оттаму за „Скопје1“. Но нема одговор, зошто оваа информација се крие од јавноста, иако ова се случило пред повеќе од еден месец. Ниту известување, ниту соопштение, ниту информирање преку социјалните мрежи. Информацијата ја добивме по упатени прашања до скопската ЗОО – за која голем дел од граѓаните бараат да се затвори.
„Согласно извршената обдукција и патохистолошкиот наод, од стручни лица по патолошка морфологија при факултетот за ватеринарна медицина, заклучено е дека бизонот угинал како резултат на хронично граниломатозно воспаление на белите дробови-actinomykocis, на возраст од околу четиринаесет година, просечна старост на бизоните е од десет до дваесет години“, велат од ЗОО-Скопје.
Во тешка состојба се шимпазото Мими, јагуарката, но и морскиот лав Кан. Од ЗОО-Скопје се пожалија дека најчестите животни кои ги чуваат се стари и изнемоштени.
„Имајќи во предвид дека не сме дел од Европската унија, а согласно политиките и стратегијата од ЕАЗА, кои до последно ги добивавме од нив, а сеуште постапуваме по истите, кај нас најчесто и во најголем број доаѓаа или исто полови групи или стари, изнемоштени и спасени животни. Таков е примерот со циркуските слоници Дуња и Даела, дел од шимпанзата од лабораторија, во сериозна старост е нашата шимпанза Мими која со години прима терапија за срце, во иста таква старост е и нашата јагуарка, а во сериозна возраст е и нашиот морски лав Кан“, додаваат од ЗОО-Скопје.
Откако беше евтаназирана слоницата во ЗОО, јавноста се крена на нозе. Таа е трето тропско животно за една година, по двете жирафи, кои зоолошката ги узгуби. Ова пак, предизвика и лавина реакции од јавноста.