Македонија

Директорот на Пазарна се прости со институцијата: Беше предизвик, не дозволив никој да биде над законот

„Се заблагодарувам што до сега имав можност да раководам со Државниот пазарен инспекторат“, напиша Горан Трајковски-Штраус, кој раководеше со оваа институција и е разрешен по промена на власта.

„Со колегите од инспекторатот бевме поставени на фронтот за справување со најголемата економска и енергетска криза. Но со добар план, максимална посветеност и одлична организација успеавме да ја координираме и контролираме цела Македонија. Со тоа доведовме до целосно спроведување на Одлуките на Владата, достапност на основните прехранбени производи до секој потрошувач и секако подигнување на животниот стандард на граѓаните. Дополнително, беше одговорено на секоја претставка, за што успеавме за многу кратко време да ја вратиме довербата на институцијата кај граѓаните. За тоа говорат и пофалбите кои лично од граѓаните ги добивав јас, но и колегите од инспекторатот.

Признавам дека раководењето со оваа институција беше предизвик од секој аспект. Но за добар и успешен менаџер, предизвиците не претставуваат проблем, туку мотив за да се најде најсоодветен начин за нивно решавање. Институцијата достигна високо ниво на транспарентност и отчетност споредено со другите јавни институции. Мојот карактер и воспитување значат дека и она што го ветувам, тоа и го исполнувам, односно во текот на цел мој мандат, не дозволив никој да биде над законот. Секој оној кој го имаше прекршено законот, беше соодветно санкциониран. Постојано велам дека треба да градиме правичен систем и секој што сака да биде дел од правичниот систем е добредојден, а секој оној кој не сака да биде дел од создавање на таков систем треба најстрого да биде казнет . Само со цврст правичен систем можеме да создадеме стабилна држава и услови за живот во Македонија за идните генерации“.

На почеток