(Видео) Славески до Владата по најавените блокади: Се носат булдужери, се расчистува улицата
Претседавачот со Советот на Град Скопје, Трајко Славески, ја повика Владата со булдужери да се расчистат улиците ако дојде до блокади. Тој е дециден дека во време на кризна состојба, не може никој да си поигрува со граѓаните. Според него, не може да го земе во предвид мислењето дадено од Данела Арсовска која го испратила пред да биде побарано. Истовремено, Арсовска смета дека Славески не смее да толкува туку само да го земе во предвид. Затоа, Славески испрати порака до приватните превозници, откако кажа дека вонредна седница нема да има.
„Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска, таа е непредвидлива жена. Таа може да го направи истото што го направи со претходните кои ги остави без леб“, рече Славески.
Додаде дека не е дозволено да се блокираат улици во кризна состојба.
„Доколку оваа состојба ескалира поради инаетот на Арсовска, Влада со прогласената вонредна состојба, има мерки и инструменти да го реши овој проблем. Со што ќе им даде до знаење дека кога станува збор за витална дејност, не може да се поигрува со граѓаните и нивните судбини да стигнат до работното место, училиште. Во кризна состојба, доколку се блокира, се носат булдужери, се расчистува улицата“, додаде Славески.