Македонија

Тензично во Уставен суд: Законот за јазици може да донесе блокада

Уставниот судија Осман Кадриу најави дека тој и неговиот колега Насер Ајдари нема да учествуваат на седницата на Уставниот суд на 11 декември, кога треба да се одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците. Во интервју за ТВ Алсат, тој кажа дека причина за бојкотот на уставните судии Албанци е надгласувањето.

„Во досегашното мислење беше кажано дека се оспорени 2-3 одредби. Не! Оспорени се 18 одредби. Доколку се оспорат 18 одредби од Законот за јазици, тоа значи оспорување на половина од законот. Ако сите оспорени 18 и ако судот со мнозинство гласови го прифати нивниот спор и го укине, тогаш немаме закон. Значи ако се прифатат овие… Тогаш немаме закон. Инаку, за ваша информација, еден од споровите е спорот за употребата на терминот албански јазик, тој се користи во две одредби“, изјави Кадриу за ТВ Алсат.

Од Мала Речица преку соопштение го потврдуваат бојкотот на уставните судии и апелираат до граѓаните да го спречат чинот кој ја загрозувал стабилноста на земјата.

Уставниот суд не ги коментира јавните изјави на членовите-судии кои нема да дојдат на седницата на 11-ти, на која прва точка на дневен ред е Законот за употреба на јазиците. Неодамна Претседателот на судот Дарко Костадиновски изјави дека ако има такво нешто од страна на дел од судиите кои се припадници на заедниците, постоеле механизми што ќе спречеле блокирање на работата на Судот.

Вчера во Брисел, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кажа дека очекува проблеми поради Законот за употреба на јазиците.

„Во наредните неколку дена очекувам проблеми поради Законот за употребата на јазиците, кој беше оспорен во 2018 година и ќе видиме што ќе произлезе од тоа. Денеска дознав дека уставните судии кои се дел од немнозинските заедници нема да присуствуваат на седницата“, рече Фетаи вчера на конференција „Пријателите на Европа“ .

На почеток