Прекршени му се правата на присилено да следни онлајн настава, тврди Најчевска
Изолирањето на детето кое беше карактеризирано како насилно, и негово испраќање да следи онлајн настава, според професорката по право Мирјана Најчевска, е спротивно на Конвенцијата за правата на детето. Според нејзе, ученикот нема вина, туку возрасните и бара казни за нив.
„Да се разбереме, во моментов на детето присилено да следи настава онлајн му се прекршени многу права согласно Конвенцијата за правата на детето. И не, не може да се бара вина кај него ниту пак тоа да биде казнето. Има кој е виновен и тие некои се возрасни. Тие треба да бидат казнети“, вели Најчевска.
Учениците од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје го прекинаа бојкотот и од вторник ќе се вратат на редовната настава. Ова следува по состанок на Центарот за социјални работи, кој беше присутен во училиштето со цел да го реши проблемот со третоодделенецот кој имал насилно поведение.
Според последните информации, се донел заклучок дека детето до крајот на првото полугодие ќе продолжи со онлајн настава, за да се изврши соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението. Родителите на учениците изјавија дека нивните барања да детето не биде физички присутно во училиштето се прифатени, а со тоа се постигнал и целта на бојкотот.