Македонија

Не помина обидот за одлагање на седницата: ДУИ чува стража, Уставен расправа, судиите-Албанци не дојдоа

Судиите Насер Ајдари и Осман Кадриу не се појавија на денешната седница на Уставниот суд. Судијата Дарко Костадиновски како претседател на судот, ја отвори седницата, а Фатмир Скендер предложи нејзино одлагање. Причина за ваковото барање е што ќе треба да се почне расправа за Законот за јазици, кој според иницијативите, има незаконски одредби. Па така, според истите, наместо „службена употреба“, тој носи „двојазичност“.

Сите судии гласаа против предлогот на судијата Фатмир Скендер за повлекување на точката. 32. седница ќе се одржи. Тој ја напушти салата поради тоа што ќе се расправа на оваа точка, па побара, да го викнат назад, кога ќе се разговара за други иницијативи.

ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“. Пред влезот на Уставен има шатор со нивни активисти.

ПРЕТХОДНО…

Премиерот Христијан Мицкоски, пак кажа дека ДУИ точно знаат како функционира Уставниот суд и оти денеска нема да се случи ништо, но целта им е, вели, да излезат пред јавноста и како политички глодари да кажат дека поради нивниот политички притисок се одложила одлуката за Законот за јазици, вели

– Јас пред неколку дена кажав дека на овие од ДУИ многу им е јасно како функционира Уставниот суд, бидејќи тие ги бираа судиите таму, во детали ги бираа судиите и буквално таму не можеше никој да биде уставен судија или каков било судија, доколку не го помине филтерот на ДУИ. Тие точно знаат дека за да дојдеме до конечно решение какво и да е, најпрво тој што е надлежен судија за овој случај треба да рапортира, да им објасни на своите колеги, потоа следи јавна дискусија, па јавна расправа, па подготвителна седница, така што тоа е процес којшто ќе трае со месеци, можеби и со години. Нивната цел е сега како политички глодари да начекаат и да видат дека еве сега знаеме како одат процедурите, ние ќе правиме политички притисок и кога нема ништо утре да се случи да излезат во јавноста, нормално тоа може да го прават само политички глодари, да излезат и да кажат – еве поради тоа што ние правевме притисок се одложи сето ова. Работите не функционираат така, а на нив им е многу јасно како функционираат работите, изјави вчера Мицкоски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, на собирот побара Судот да ги отфрли поднесените 13 иницијативи за оспорување одредби во Законот за употреба на јазиците.

-На 11 декември, ние бараме Уставниот суд, ако е навистина Уставен суд кој дели правда, ако е суд кој размислува за демократија во државава, за мир и стабилност, а не е суд кој става бензин врз огнот, да ги отфрли сите 13 иницијативи, да нѐ остави на раат да си одиме дома. Нема да има мир ако не биде така… Далеку рацете од промената на Законот за јазиците. Ако сте добри и визионерски политичари, вие ќе го унапредевте јазикот, а не да го укинувате… Ние сакаме мир, ние сакаме демократија, ние сакаме слобода. Ја сакаме за сите. Сакаме нашата земја да биде секогаш напредна и што е можно поблиску до Европската Унија, порача Ахмети на собирот каде што присуствуваа лидери на партиите кои се дел од коалицијата Европски фронт што ја предводи ДУИ.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Здружението „Светски македонски конгрес“, Солза Грчева, Тања Каракамишева Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазескии, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.

На почеток