(Видео) Пак дивеење во Центар, се бара итна реакција
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа побара од Министерството за внатрешни работи веднаш да реагира на вандалското однесување на одредени поединци – малолетници во населбата Капиштец во центарот на Скопје. Тој на социјалните мрежи објави видео на кое се забележува како малолетни лица кршат шишиња, пукаат петарди и се тепаат во доцните ноќни часови во населбата. Герасимовски напиша оти веднаш ќе го пријават случајот и оти очекуваат МВР да поведе истрага.
„Ова не е изолиран инцидент, туку континуиран проблем кој бара итна реакција. Како одговорни граѓани, веќе поднесовме пријава до надлежните институции и апелираме до Министерството за внатрешни работи веднаш да преземе мерки за справување со овие недолични активности и да поведе детална истрага,“ истакна Герасимовски.
Општината апелира до Министерството за внатрешни работи да преземе брзи и ефикасни мерки за справување со ваквите појави, со цел да се спречат потенцијални трагични последици.