ЗНАМ контра Гаши: Даути е разрешена
На Илире Даути 61 пратеник ѝ изгласа недоверба на функцијата претседателка на Комисијата за социјална политика, прифаќајќи ја интерпелацијата од Левица.
Изненади соопштението од Кабинетот на собранискиот спикер Африм Гаши.
„Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство“.
Со овој став не се согласуваат од ЗНАМ, владиниот коалициски партнер, кој постојано објаснува дека за коалиција се договарале со ВМРО-ДПМНЕ, но не и со ВЛЕН.
„За нас исходот е многу јасен. Собранието утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок. Со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието“, вели Движење ЗНАМ.
Бараат опозицијата да предложи нов кандидат за позицијата.
За Јован Митревски од СДСМ, Гаши не е во право , интерпелација мора да има правна последица, ама ова сепак е преседан.
„Во Деловникот има интерпелација за носители на јавни функции, а претседател на собраниска комисија е и тоа како носител на јавна функција. Даути треба да си замине од Комисијата, но право на парламентарната партија е да предложи кого сака за претседател“, вели Јован Митревски.
Интерпелацијата за Илире Даути ја поднесе Левица поради нејзиното несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување со кочење на Законот за бранители со тоа што не го ставила на дневен ред на Комисијата со која претседава.