Македонија

Маркетите денеска треба да останат празни – почнува бојкотот од граѓаните

Голем дел од граѓаните им најавија на маркетите дека денеска ќе останат празни. Овој петок, тие ги бојкотираат големите трговци поради високите цени и маржите. Бојкотот на маркетите е само аларм, порака за трговците, кои енормно ги зголемија цените, но и за власта, која треба да делува – посочуваат граѓаните на социјалните мрежи.

Сепак, дали бојкотот ќе вроди со плод или нов инат од страна на маркетите да ги зголемат цените – ќе се види веќе во идните денови. Бојкотот, велат економските аналитичари, може да биде начин за намалување на цените. За поголеми ефекти треба да трае подолго од еден ден.

Ниту маркетите не мируваа додека граѓаните се организираа. Некои од нив веднаш презедоа мерки со намалување на цените, а други најавуваат дека ќе прават попис и нема да работат.

Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти. На едно четиричлено семејство сега му требаат 63 252,00 денари за да живее.

Мерки и инспекции најави премиерот Христијан Мицкоски, според кого, ќе се проверува дали оправдано цените достигнуваат енормен раст.

Бојкотот е по примерот на Хрватска. Во Словенија од денеска, по 2 дена ќе се блокираат по 2 големи маркети и бојкотот ќе трае до 9 февруари, иако цените за една година таму се зголемија за само 2 отсто и поскапувањето е помало во споредба со просекот на Европската Унија.

На почеток