Македонија

Ја давел и убил, па отишол да се коцка: Се бара доживотен затвор за убиството на штипјанката Емилија

Ја давел, ја оставил да умре и заминал да игра комар. Вака изгледало убиството на Емилија Пешева во ноември минатата година. Убиецот Фадил Зејнелов го призна убиството, а семејството и обвинителството бараат доживотен затвор. Слободан Пешев, татко на убиената Емилија рече дека неговата ќерка била користена од убиецот за пари.

„Тој не се кае, измислува, тој е ладнокрвен убиец, вистината е дека ја давел, ја оставил да умре и заминал да игра комар. Ја користеше и ги коцкаше парите. Ни остави дете сираче, не оди на школо си ја бара мајката, не може да се навикне без неа, знае дека е убиена“, вели таткото на жртвата.

Пред убиството имало кавга меѓу жртвата и убиецот, бидејќи таа сакала да се разведе. За ова знаеле полицијата, Обвинителството, Центарот за социјални работи. Кај нив имало пријави дека Емилија е жртва на насилство. Но се откажувала од гонење, поради стравот од ново насилство.

Обвинетиот Зејнелов ја призна вината и рече дека мотивот за убиството е неверство. Инаку, тој е обвинет за кривичното дело убиство при вршење семејно насилство или фемицид.

На почеток