Свет

Ватикан: Папата е критично, но имал мирна ноќ

Папата Франциско, кој е во критична состојба и се бори со билатерална пневмонија, помина мирна ноќ во болница, спиејќи и одморајќи, соопшти Ватикан.

88-годишниот папа беше примен во римската болница „Гемели“ на 14 февруари, откако неколку дена имаше проблеми со дишењето, а потоа му беше дијагностицирано воспаление на двете бели дробови.

Ватикан ја опиша неговата состојба како критична втор ден по ред во неделата и рече дека тој ден имал „почетни, благи знаци на откажување на бубрезите“.

Прогнозата за папата, кому во саботата му беше потребна трансфузија на две единици крв, откако доживеа „продолжена респираторна криза слична на астма“, останува неизвесна, покажуваат најновите медицински информации.

„Беше добра ноќ, папата спиеше и се одмара“, се вели во соопштението на Ватикан во една реченица објавено утрово, без дополнителни информации.

Двојната пневмонија е сериозна инфекција која може да предизвика воспаление и лузни во двете бели дробови, што го отежнува дишењето. Ватикан ја опиша инфекцијата на папата како „комплексна“, објаснувајќи дека е предизвикана од два или повеќе микроорганизми.

Франциско, кој е папа од 2013 година, страдаше од лоша здравствена состојба во последните две години. Тој е особено склон кон инфекции на белите дробови бидејќи кога бил млад заболел од плеврит и му бил отстранет дел од едното белодробно крило.

На почеток