Сведок тврди дека разменувал со Палевски во моментите кога Вања е грабната па убиена, но ги нема пораките оти се избришале


Сведокот Зоран Петковски, член на партијата „Десна“ и поранешен полицаец, тврди дека денот кога Вања Ѓорчевска беше грабната, па убиена, имал контакт преку „Телеграм“ со обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо. Но прашан дали ја чува комуникацијата тој рече дека нема таков доказ бидејќи пораките се бришеле по 30 минути откако ќе се разменеле.
„Да, имав комуникација на критичниот период , конкретно датум 27.11.2023. Ова го тврдам затоа што на тој ден е на сопругата и е роденден. На тој ден, Палевски помеѓу 8 и 9:20 беше на таен канал за електронска комуникација преку ‘Tелеграм’ апликација креиран од Љупчо Палевски. Јас сум член на Комисијата за безбедност во политичката партија ‘Десна’, и разговаравме на тема ирански дронови, набавка преку Србија и трансфер преку Србија. Да добив, задача од Палевски да приберам информации во врска со тоа, и да го известам заедно со членовите на Комисијата за безбедност на Десна“, рече сведокот Петковски.
Беше прашан, дали знае каде се наоѓа Палевски додека комуницирале, на што одговори дека не знаел.
Обвинителката го праша сведокот дали е точно дека тој немал комуникација со Палевски на 22.11, односно денот кога е грабнат и убиен Панче Жежовски
„Да, само на 27 ми имавме комуникација“, рече сведокот Петковски по што обвинителката допраша: „По што сте сигурен дека сте немале на 22.11?
„Затоа што се сеќавам и ги чувам пораките“, рече Петковски.
На прашањето дали имал комуникација со обвинетите Велибор Манев и Боре Видевски, кои исто така биле дел од партијата Десна, рече: „Не“.
„Кога водевте разговори дали присуствуваа други лица?“, праша обвинителката за комуникацијата меѓу Палевски и сведокот денот кога Вања беше грабната и убиена.
„Да, со мојата сопруга со која пиевме кафе“, рече сведокот Петковски.
Петковски посочи дека последно работел како офицер за криминалистичко разузнавање и анализа во СВР Куманово, а дека трета година сум пензионер.
„Точно е дека сте дисциплински казнуван додека работевте?“, праша обвинителката на што одбраната реагираше на ова прашање, а сведокот не сакаше да одговара на оваа тема, рече „не сакам да разговарам на таа тема“.
„Не сакам да одговарам на работите поврзани со службата“, рече Петковски.
„Може да се заклучи дека имало постапки против вас?“, праша обвинителката и доби одговор: „Не знам од каде донесовте таков заклучок“.
Во текот на судењето сведокот Петковски раскажа и за наводен разговор помеѓу него и службеници во СВР Скопје, каде на 5-ти февруари бил повикан на разговор, поради запечатените простории на партијата „Десна“. Петковски тврди дека тајно го снимал целиот разговор и дека има запис.
„Пред да влезам во ПС иако знам дека не смеам вклучив уред диктафон на кој го снимив целиот разговор. Разговорот течеше крајно коректно и пријателски. Истиот се одвиваше во просторијата на Драган Зарински, присуствуваше и Дејан Димовски и уште еден инспектор кој не се легитимираше. Откако се запознававме, и разговорот траеше околу 1 час и 15 минути, и откако виде дека се работи за луѓе кои се разбираат од … разговорот премина во пријателски, на кој ни беа изнесувани информации за настаните од 22 и 27 ноември 2023 година во Велес и Скопје. Некаде после 50-ти минута ми се обрати инспекторот Зарински лично мене, некаде 54 минута, ме праша ‘го познаваш ли Боре?’, – на што му одговорив ‘Да, го знам и го познавам’. Веднаш потоа, ми покажа со десна рака дупка во ѕидот: ‘Ете тоа е од Боре. Толку, и ова не смеам да ти го кажувам но користевме стари медоти за добивање на признавање’. Не ми е чудно бидејќи и самиот бев во една таква структура, но сметам дека е битно, ако признанието на Боре е изнунедено со сила односно со тепање и мислам дека судот треба да го зема предвид“, рече сведокот Петковски.
Беше прашан дали денот кога бил во станица, со службениците разговарале и за обвинетиот Влатко Кешишев.
„Инспекторот Зарински продолжил дека додека разговарал со Боре и додека го тепал во канцеларијата, Влатко Кешишев стоел пред врата и слушал. И продолжи со зборовите, ‘кога влезе Влатко, ми кажа Боре и Вељо. Тие ми го донесоа во гепекот од каде што го преземав’ – мисли на Панче Жежовски починатото лице од Велес“, додаде Петковски.
Тој објаснувале и на која местоположба била дупката за која зборувал со инспекторите, кога наводно го споменале Боре Видевски.
„Можам да ви кажам и со сигурност и местоположба на 15 см на крајниот десен агол од бирото на Зарински, со пречник помеѓу 10-12 см видна влабнатина, ѕидот која е од гипс“, додаде сведокот Петковски.
На сведокот му беа поставени и прашања за тоа колку добро обвинетиот Палевски познавал ИТ алатки, на што одговори: „Од она што искуствено знам Палевски знае да работи уреди за електронска комуникација. Јас сум дипломиран ИТ, електротехничар, и од она што го видов кај него сметам дека добро владее со овие средства за комуникација“.
