Се влече случајот за Лидија Димова – рочиштата постојано се одложуваат


Речиси две ипол години и се суди на Лидија Димова, ексдиректорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Постапката ја одолговлекуваат низа одложени рочишта, а од јули минатата година, до март годинава – не се одржаа пет главни расправи. Секогаш, причините се различни. Некогаш поради болест на обвинетата, другпат поради барања за нови вештачења, но и поради барање на обвинителката. Минатата година, двапати постапката почнуваше од почеток поради истек на 90 дена, па доказите се изведуваат одново со читање.
Спроед календарот за рочишта, судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, закажува судења по еднаш месечно. Од октомври до декември – сите пропаднаа, бидејќи се чекаше новото вештачење, кое го побара обвинителката. Откако стигна во декември, може да се увиди дека вештакот Урош Ташев констатирал дека Агенцијата која ја предводела Димова е оштетена за 23.668.947 денари. Но и по ова, рочиштата се одлагаат.
Од јануари до март, се одложени три рочишта. Првото требаше да се одржи на 17 јануари, кога Димова бараше да се изработи супер вештачење. Ново рочиште имаше на 21 февруари, но и тоа не се одржа – овој пат поради болест на вештакот. Рочиште требаше да се одржи и денеска, но судот донесе одлука да се одложи овојпат по барање на обвинителката.
На следното рочиште, судијката ќе треба да се изјасни дали ќе дозволи да се изработи супервештачење по барање на Лидија Димова.
Екс- директорката се гони направена штета од 20 милиони денари со злоупотреби на средства на европската заедница. Второобвинет беше Александар Гочев за подигнување на авансни пари од Агенцијата без соодветна документација кој призна вина и ги врати парите, како и благајничката Ана Павлиду која му ги давала парите, а не смеела.
