Македонија

(Видео) Сведоштво за присила од Лидија Димова и детали за трошењето буџетски пари: Знаеше дека фалат од благајна!

Сведокот Александар Гочев, ангажиран во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност од разрешената директорка Лидија Димова, во судница раскажа за што се потрошиле 15.000 евра од благајната, зошто не се вратени, но и како спроведувал насоки од директорката. Пред Димова да го земе во Агенцијата, тој бил со неа и во Собрание, па сведочи дека на новото работно место бил канал за комуникација меѓу Димова и вработените. Призна дека ги подигал парите од благајна, па кажа дека Димова со присилба го натерала да потпише изјава дека таа не знаела.

Гочев тврди дека парите се потрошени за опремување на новиот простор за Националната агенција, гориво и организирање на три настани. Кажа дека не постоел план како да се вратат парите потрошени за гориво и опремување, а за средствата потрошени за настаните посочи дека требало да ги даде фирмата која отпосле добила тендер – што според законите е исто така злоупотреба.

„Од аспект на буџетски средства имаше предвидено, меѓутоа во процесот на формирање на јавната набавка, дел од работите кои се изведуваа не беа предвидени. Дел од средствата од благајната што недостасуваа се употребени за реновирање на зградата“, рече Гочев.

Објасни и како фалеле пари за гориво. Бидејќи во таа ставка од буџетот немале средства, се земале од ставката за патувања.

„Во буџетот за 2018 година не предвидела дилема дека ќе има четири возила, и предвидела гориво за околу 100.000 денари. Со оглед дека износот обезбеден не беше доволен за сите четири возила, горива за тие возила се дополнуваше со средствата кои беа во благајна, за кои можам да кажам дека до последен ден имало уредно, фискални сметки, кога и колку е наточено. Во вкупен износ од околу 8.000 евра“, додаде тој и објасни како тоа може да се докаже најлесно: „Во моментот кога возилата од моја страна се предадени, километражата vs искниженото гориво – има енормна разлика од тоа колку е платено…и таа разлика е платена од овие средства…“.

Гочев имал факсимил од Лидија Димова, за кој сведочеше дека таа му го давала уште откако е истиот изготвен. Го користеле и други вработени. Со него, биле подигнувани средствата.

„Писмена одлука за факсимилот никогаш немало за негова употреба. Тој е изработен во почетокот на нашето работење, за што има документи во Агенцијата, има фактура како е платен, нарачан, изработен. Факсимилот во мое ракување се наоѓа сѐ до мај 2018 година, а од самата изработка. Оттогаш, сум го користел, но не сум го поседувал. Директорката знаеше како се употребува овој факсимил“, објасни сведокот.

Објасни и како со тие 15.000 евра биле покривани трошоци за настаните.

„Во износ од 4.000 евра беа покриени и три настани кои беа одржани во Скопје. Имаше материјали за настаните, како се одржани, но никаде немаше информација како се платени. Тие се платени во кеш од благајната. Сметките се во агенцијата. А не фигурира дека се платени од агенцијата. Со моето заминување оставив папка со фактури и сметки, заедно со лаптопот кој го вратив. Знам дека формално не се искнижени ниту горивото, ниту настаните, како трошок на агенцијата. Фирмата која ги покриваше настаните, требаше да ги покрие настаните кои беа пред фирмата да започне да работи. За ниту едно подигање немало документација. Веројатно требало да има документација“, додаде Гочев.

Пред да замине од Агенцијата, а со цел вината да не се префрли на други лица, Гочев објасни дека сакал да подигне кредит и да ги врати средствата, но Лидија Димова одбила да му потпише барање за кредит.

„Заради моја лична грешка, кога сум имал намера да ги вратам назад во агенцијата, тоа е десет дена пред да заминам, поднесов барање за кредит, но не ми беше потпишан од директорката. Ова е откако видов кај кого ќе падне вината, поднесов барање за одобрување на кредитот“, додаде тој.

Лидија Димова цело време знаеше дека фалат пари од благајна, тврди Гочев, па беше прашан од обвинетата зошто пред да замине од Агенцијата потпишал изјава дека таа не знаела, на што даде одговор.

„Под присила ваша и на адвокатот присутен во канцеларијата, Стевица, доставив писмо. Миа Ношпал не беше. Апсолутно и под присила тогаш ме теравте да кажам дека Ана Павлиду и Дарко Димитров знаеле за тоа“, објасни Гочев.

Во ова сведочење, тој кажа и дека секогаш ја известувал директорката за парите од благајната и недостатокот, дека истата ги одобрувала.

На почеток