(Видео) Се води постапка за фризерницата, пропустите се на страна на директорката Димова, вели обвинителката
Во случајот со доделувањето на средства на фризерницата, се води постапка во делот на одговорноста на ексдиректорката во Националаната агенција за европски образовни програми Лидија Димова, вели обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановска. Таа посочува дека е убедена во тоа дека разрешената директорка има одговорност во делот на јавните набавки и ангажирањето лица без огласи. Обвинителката вели: „Убедена сум дека ќе докажам“.
„Се води постапка во делот на одговорноста на директорката Лидија Димова и тоа е содржано во обвинението за кое денеска имавме судење. За оној кој го добил грантот ја запрев истрагата уште кога го поднесов обвинението. Тоа значи дека грантовите, при доделувањето на грантовите, директорката има пропусти, односно не ја спровела постапката онака како што е предвидено со националното законодавство“, рече обвинителката Сузана Мирчевска-Кузмановска.
Во судница, Димова се бранеше со документ од ОЛАФ во кој стои дека таа не направила злоупотреби. Но и ОЛАФ е дециден дека тоа не значи дека не го прекршило законодавството на Македонија.
„Документот е краток, известување од ОЛАФ е. Истрагата која ја водела таа институција не утврдиле дека Лидија Димова како директорка на агенцијата направила злоупотреба на европските средства согласно нивните програми. Меѓутоа, таму е назначено дека ваквата констатација на ОЛАФ не значи задирање во евентуални постапки кои ги водат органите во матичната држава. Тоа значи дека по наоѓање на Обвинителството, пред при доделување на тие грантови за фризерницата, како што ја нарекувате, и неколку други ситуации, пропустите се на страна на директорката. За тоа се води постапка“, додава обвинителката.
Обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска поднесе обвинителен акт против Лидија Димова, разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Александар Гочев, тогашен нејзин близок соработник и Ана Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинителката, сите три лица оштетиле средства на европската заедница. Лидија Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист ја злоупотребила положбата и овластување па постапила спротивно на Законот за јавни набавки и Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Таа ангажирала соработници во Агенцијата без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето на издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори без јавни набавки.
(Видео) Лидија Димова молчи и бега: како го присилувала сведокот да потпише изјава?
Скопско фризерско студио лоцирано во Аеродром, изминативе три години добивало грантови од над 270.000 евра преку програмата „Еразмус+“, која ја спроведува Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, чиј директор е Лидија Димова.
ДЕТАЛИ: https://a1on.mk/istrazjuvanja/skopska-frizernica-dobila-nad-270-000-evra-evropski-pari-za-edukacija/