Актуелно

Со државни пари се плаќаат тужби: Адеми му „падна“ во раце на Таравари

Управниот суд ја уважил тужбата на Општина Гостивар против решението на министерот за образование Арбер Адеми од 13 февруари, за одземање на надлежностите на градоначалникот Арбен Таравари за именување и разрешување на директори и истото го поништил.

Пресудата денес во јавност ја објави Таравари, коментирајќи дека Управниот суд го потврдил тоа што тие го кажувале и граѓаните веќе го знаеле – дека надлежностите биле одземени незаконски.

Од друга страна, Министерот за образование за ТВ21 изјави дека ја обжалиле одлуката на судот при Вишиот управен суд. Вели дека ваквата одлука во ниту еден момент не ги оправдува незаконските одлуки на општината. Адеми додава дека судот донел одлука за поништување на решението со образложение дека неколку документи не биле читливи.

За неполни две години, Министерството за образование два пати му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот Арбен Таравари во секторот образование во Општина Гостивар. Образложението беше непочитување на законската процедура при назначување и разрешување на директори во средни и основни училишта. Таравари најнапред ги загуби ингеренциите во 2018 година, но му беа вратени назад девет месеци подоцна. Во февруари годинава Таравари повторно остана со „врзани раце“ за период од девет месеци. Тоа значи дека и доколку одлуката на Управниот суд не се спроведе, ингеренциите на Таравари треба да му се вратат во ноември месец оваа година.

На почеток