Македонија

4, 6 или 7 амандмани денеска Владата ќе ги достави до Сoбранието, прифатени биле и предлозите на осумтемина

Денеска истекува рокот кога Владата треба да ги достави уставните амандмани според Договорот од Преспа до Собранието. Вчера премиерот Зоран Заев имаше уште една средба со осумтемина пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”. Заев вика дека ќе има четири, пет, шест, а можеби и седум амандмани, а пратеникот Крсто Мукоски изјави дека биле договорени четири амандмани.

Вчера и двете страни, и Заев и Мукоски изјавија дека има начелен договор за уставните амандмани. Заев изјави дека деталите се заокружени, но не прецизираше колку точно амандмани ќе произлезат. Со договореното се гарантира идентитетот, потенцираше Заев.

Пратеникот Крсто Мукоски рече дека добиле согласност и разбирање од Заев за нивните барања. Повтори дека нивните барања се однесуваат на зацврстување на идентитетот, постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи ги преговорите со ЕУ и поништување на сите амандмани кои произлегуваат од договорт во случај Грција да не го ратификува.

За барањето во преамбулата на Уставот да биде содржан и Рамковниот договор Заев не одговори конкретно, образложувајќи дека тоа дополнително ќе се утврдува.

Мукоски изјави дека било договорено од понеделник да почне да работи и телото за помирување и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во работата на тоа тело.

Поединци од новата опозициска пратеничка група уште пред гласањето за пристапување кон уставни измани предлагаа дополнително зацврстување на македонскиот идентитет, ништовност на Договорот доколку грчката страна не го ратификува и не го поддржи нашиот влез во НАТО, како и сукцесивна примена на новото име, во согласност со отварањето на поглавјата од преговорите со ЕУ.

Според Мукоски, Договорот содржи и штетни елементи, но мора да се прифати, а нивните амандмани ќе внесат дополнителна заштита.

Пред почетокот на седницата на која се гласаше за пристапување кон уставни измени, на 19 октомври, група пратеници од опозицијата доставија свои барања „да се пристапи во наредната, но не и конечна фаза, на дискусија по уставните амандмани, само под следните услови од чие исполнување ќе зависат и нашите идни ставови и нашата конечна поддршка за уставните амандмани“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток