Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното гостување во телевијата Алсат во емисијата „Патот кон“, одговараше на прашања за актуелните состојби во најголемата опозициска партија.
– Не се согласувам со вас дека врие внатре во ВМРО-ДПМНЕ. Две индивидуи кои што водеа структури во ВМРО-ДПМНЕ, Унијата на жени и Унијата на млади сили си заминаа, а структурата на Унијата на жени и Унијата на млади сили останаа и се именуваа вршители на должност, набргу ќе биде објавен конкурс, набргу ќе биде изгласано новото раководство во рамките на тие две структури, така што животот си продолжува понатаму, политиките продолжуваат понтаму, Колку што ги прочитав нивните оставки тие не рекоа дека си заминуваат од партијата, туку напротив дека остануваат во партијата, во овој момент тие си имаат сопствени аргументи зошто се одлучиле на еден ваков чекор и јас можам да кажам дека во математиката велиме заеднички делител или именител има во целиот овој случај претпоставувам од тој центартдоаѓа мотивот и за едниот и за другиот чинител кои се одлучија за овој настап- одговори Мицкоски на прашањето дали врие и има раздор во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Се чувствувам комотен и можам да кажам дека јас сум можеби единствениот претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој својата доверба самостојно ја ставил пред делегатите на Централниот комитет на партијата, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во емисијата „Патот кон“ на Алсат-М.
Мицкоски потенцираше дека тоа го направил веднаш по настаните кое се случува во Собранието.
– Статутот на ВМРО-ДПМНЕ овозможува претседателот самостојно иницира процес во кој ќе побара одржување вонреден конгрес на кој ќе се разговара за неговата доверба. Јас за оваа моја одлука не разговарав буквално со никого, туку на почетокот од ЦК, потпретседателите на партијата и генералниот секретар ги запознав со оваа моја одлука, дека на седницата на ЦК ќе излезам и ќе побарам доколку цени ЦК, одржување на вонреден конгрес на кој ќе се разговара за мојата лична доверба. Исто така, за да не им биде непријатно на членови моето присуство во салата, според определен член од Статутот кој мене ми овозможува со специјална одлука ги пренесам моите надлежности на еден од потпретседателите, тоа да го направам и да му ја дадам можноста да ја води седницата, а јас истата да ја напуштам. Тоа и во направив. Можам да ви кажам дека 125:0 беше гласањето од страна на членовите на Централниот комитет, дека нема потреба да се организира вонреден конгрес, објасни Мицкоски.
Тој посочи дека ваквата одлука била доволна за него лично, да заклучи дека како личност ја ужива довербата од Централниот комитет во кој членуваат сите претседатели на општинските комитети, структурата на УЖ и УМС на партијата.
Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е најголема и најорганизирана политичка партија во која е многу нормално да има различни мислења и ставови се до моментот на носење на конечна одлука.
Според него логично е веќе кога се вклучувате во политичка партија да ги почитувате политиките и одлуките во таа партија, што, како што рече, не беше случај со 7-те пратеници кои ги исклучија, а постапија спротивно политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ не е хорско друштво, па секој во различен тон да пее. Е сега кога вие знаете дека има конгресна одлука, која што дава точна насока како треба да се постапува по прашањето за името, конгресна одлука од Конгресот во Валандово која што е продолжување на одлуката од Конгресот во Куманово, која што е продолжување на одлуката од Конгресот во Битола, имате партиска програма со која сте излегле на изборите во 2016 година врз основа на која вие сте го добиле мандатот, имате одлука на Извршниот Комитет, имате одлука на Централниот комитет и вие постапувате спротивно на таа одлука, вели Мицкоски.
Според него во политиката и во партиите е многу важно доколку се има сет на документи и серија политики да продолжат да се следат бидејќи на друг начин тие ја ризикуваат позицијата меѓу сопартијците.
Обвинувањата на екс -директорот на УБК, Сашо Мијалков во писмото упатено до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги смета за внатрепартиски работи. Не сакајќи да одговори на писмото што Мијалков му го упати веднаш по исклучувањето од партијата, Мицкоски тврди дека ВМРО поседува докази за сѐ што тврди.
Ова претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го изјави во интервју за телевизијата Алсат.
Прашан за исклучувањата, заминувањата и оставките, Мицкоски рече дека тоа е еден динамичен политички процес во партијата и оти тоа ќе постои сѐ додека постои ВМРО, но најави дека ќе се реформира Извршниот комитет.