Македонија

4, 6 или 7 амандмани денеска Владата ќе ги достави до Сoбранието

Денеска истекува рокот кога Владата треба да ги достави уставните амандмани според Договорот од Преспа до Собранието. Вчера премиерот Зоран Заев имаше уште една средба со осумтемина пратеници од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија”. Заев вика дека ќе има четири, пет, шест, а можеби и седум амандмани, а пратеникот Крсто Мукоски изјави дека биле договорени четири амандмани, пишува МКД.мк.

Вчера и двете страни, и Заев и Мукоски изјавија дека има начелен договор за уставните амандмани. Заев изјави дека деталите се заокружени, но не прецизираше колку точно амандмани ќе произлезат. Со договореното се гарантира идентитетот, потенцираше Заев.

Пратеникот Крсто Мукоски рече дека добиле согласност и разбирање од Заев за нивните барања. Повтори дека нивните барања се однесуваат на зацврстување на идентитетот, постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи ги преговорите со ЕУ и поништување на сите амандмани кои произлегуваат од договорт во случај Грција да не го ратификува.

За барањето во преамбулата на Уставот да биде содржан и Рамковниот договор Заев не одговори конкретно, образложувајќи дека тоа дополнително ќе се утврдува.

Мукоски изјави дека било договорено од понеделник да почне да работи и телото за помирување и ја повика ВМРО-ДПМНЕ да учествува во работата на тоа тело.

Поединци од новата опозициска пратеничка група уште пред гласањето за пристапување кон уставни измани предлагаа дополнително зацврстување на македонскиот идентитет, ништовност на Договорот доколку грчката страна не го ратификува и не го поддржи нашиот влез во НАТО, како и сукцесивна примена на новото име, во согласност со отварањето на поглавјата од преговорите со ЕУ.

Според Мукоски, Договорот содржи и штетни елементи, но мора да се прифати, а нивните амандмани ќе внесат дополнителна заштита.

Пред почетокот на седницата на која се гласаше за пристапување кон уставни измени, на 19 октомври, група пратеници од опозицијата доставија свои барања „да се пристапи во наредната, но не и конечна фаза, на дискусија по уставните амандмани, само под следните услови од чие исполнување ќе зависат и нашите идни ставови и нашата конечна поддршка за уставните амандмани“.

1. Прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет.

2. Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа.

3. Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ.

4. Прифаќање на иницијативата на претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев искажана на 31-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година за простување во врска со настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и претседателот на Собранието на Република Македонија кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување, во рок од 30 дена“.

Еве го и претходно објавениот предлог за промена на Уставот на Владата на Република Македонија:

Член 3. Пoцврста гаранција на границата

Во членот 3 од Уставот е регулирано дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми.

Овој член веќе беше изменет во 1992 година со Амандманот I, кога беше додаден принципот на доброволност при промена на границата и согласноста со општо прифатените меѓународни норми.

Исто така со овој амандман беше декларирано дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави. Со новиот уставен амандман кој се предлага ќе се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и со тоа ќе се прецизира поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии. Тоа ќе значи заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и на соседните земји.

Член 49. Грижа за Македонците и дијаспората во странство

Во членот 49 од Уставот е пропишано дека Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

И овој член беше изменет со Амандманот II во 1992 година кој предвидуваше дека Републиката нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со уставниот амандман кој се предлага ќе се декларира грижа за културните, економските и социјалните права на припадниците на македонскиот народ и сите наши граѓани во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи, во било каква форма и заради било каква причина.

Додавање на придавката северна во името на Република Македонија

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Притоа, покрај општи услови и рокови за стапување во сила на амандманите кои ќе бидат врзани со влегување во сила на Договорот и ратификација на протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО во Парламентот на Република Грција, односно престанок на важење на амандманите во случај на невлегување во сила на овие два документи, за начинот на примена на овој конкретен амандман ќе има и посебни рокови.

Имено во согласност со договорот ќе биде утврден преоден период за примена на одредбата во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од органите на власт на Република Македонија.

При тоа ќе има два преодни периода: „технички“ и „политички“.

„Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Република Македонија за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата.

Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува со истекот на нивното важење, но најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на договорот.

„Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Република Македонија. Издавањето на ваквите документи и материјали ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантната област во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

Измени во Преамбулата на Уставот

Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Договорот со Грција, во Преамбулата ќе бидат извршени соодветни измени. Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки.

Денеска истекува рокот за поденсување на уставните амандмани до Собранието.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток