Македонија

Жарко Луковски не успеал да го „купи“ СЈО за да се затвори истрагата против него

Поранешниот главен извршен директор во „Т-мобиле“, Жарко Луковски, сепак, не успеал да си „купи“ затворање на истрагата во предметот „Базни станици“ на СЈО, како што Боки 13 го уверува Орце Камчев во еден од аудио-материјалите објавени од „Ла Верита“. Од СЈО велат дека истрагата под ова кодно име, иницирана во октомври 2018 година, се уште е отворена. Активности нема поради начелното правно мислење на Врховниот суд дека СЈО е неовластен тужител во сите предмети за кои не е покренато обвинение до 30 јуни 2017 г.

Во „Базни станици“ Жарко Луковски е осомничен за злоупотреба на над 3,5 милиони евра во корист на Бетон АД Скопје, а на штета на акционерите на Т-мобиле, меѓу кои, и државата. Според СЈО, тој во 2011 г. ја злоупотребил службената положба и овластување како главен извршен директор на Т-мобиле, барајќи финансиска понуда од Бетон АД Скопје за легализирање на дивите базни станици, иако Т-мобиле Македонија поседувала соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и тоа за околу 3.000 евра по објект. Од друга страна, Бетон АД Скопје претходно никогаш немала давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното искуство. Сепак, набрзо Бетон ја известил Т-мобиле дека бараната услуга може да ја изврши за тројно повисока цена од онаа за која работата можела да ја заврши стручниот тим на Т-мобиле Македонија.

Ова објаснување е содржано во соопштението на Специјалното јавно обвинителство издадено на 10 октомври минатата година. Предметен обвинител во „Базни станици“ е Лиле Стефанова, која деновиве е актуелна со случајот „Империја“.

Повеќе на 360 степени.

На почеток