Управата за јавни приходи пред една недела соопшти дека ќе почне да ги чешла фирмите поврзани со случајот „Рекет“, односно, дека ќе го проверува работењето на фирмите „БМЈ медиа груп“, „Меѓународен сојуз“ и телевизијата „1 ТВ“.
Во интервју за „Слободен печат“, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, открива детали во врска со контролите во фирмите поврзани со случајот „Рекет“, за апликацијата МојДДВ, повратот на ДДВ, сузбивањето на сивата економија.
-Управата за јавни приходи одлично комуницира и се координира со сите сродни институции, вклучувајќи го и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. По однос на случајот популарно наречен „Рекет“ сакам да истакнам дека УЈП постапува согласно законот и колку некои и да сакаат да прикажат дека сме анемични во овој случај, тврдам дека не сме неми набљудувачи од страна. УЈП и претходно вршела контроли, а по информациите кои излегоа во јавност, самостојно влеговме во контрола на фирмите кои што се посочени во случајот популарно наречен „Рекет, вели Лукаревска.