Македонија

Најавени протести пред домот на Мукоски, тој демонстрантите ќе ги послужи со кафе и благо

Пратеникот Крсо Мукоски вели дека е позитивно изненаден што вечерва пред неговиот дом во Вевчани ќе се одржи протест организиран од „Македонија Блокира“. Тој им порачува на посетителите дека ќе ги прими во својот дом и дека ќе ги послужи со кафе и благо.

-Многу им благодарам и позитивно сум изненаден што им текна по 11 месеци да ме видат. Се разбира, во мојот дом ќе испиеме кафе, ќе бидат послужени со благо. Нема никаков проблем – изјави за МКД.мк пратеникот Мукоски.

Од партијата „Единствена Македонија“ најавија дека протестот ќе се одржи во 19.00 часот. Зад протестот стојат партии, организации и здруженија кои најавија блокади на патишта, собири пред собрание и протести пред домови на пратеници. Од таму рекоа и дека ќе му врачат протестно писмо на пратеникот.

-Не можам предвреме да зборувам, да го видам прво писмото, па потоа би го коментирал. Но, ќе им кажам дека писмото е на погрешна адреса – вели Мукоски за МКД.мк без да коментира на која адреса требало да се упати тоа протестно писмо.

Од движењето „Македонија Блокира“ следно најавуваат протест в сабота пред домовите на другите двајца пратеници кои беа ослободени од куќен притвор за да гласаат за отворање на Уставот, а истовремено и двајцата живеат во Охрид – Сашо Василески и Љубен Арнаудов.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток