Свет

Мета: Бегството на Груевски е признавање на вина

Албанскиот претседател Илир Мета, гостувајќи во синоќешната емисија „Опен” на тиранската телевизија Топ чанел, иако воздржано сепак ја кометираше веста за бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија, минувајќи преку Албанија.

Мета изјави дека минувањето на Груевски низ Албанија е прашање кое треба да им се постави на соодветните одговорни органи во Албанија, додавајќи дека на еден начин заминувањето на Груевски од Македонија е признавање  вина од негова страна.

– Тоа е прашање со кое одговорните авторитети во земјава треба да се позанимаваат. Не сакам да се мешам во ова прашање, но сметам дека неговото заминување од Македонија е знак на слабост. Избегнувањето на правдата е неприфатливо и на некој начин е признавање на вината, рече Мета.

Претходно истиот став Мета го изнесе и на меѓународна конференција на новинари во Тирана, нагласувајќи дека секој политичар, уште  повеќе политичар со голема одговорност, каков што е случајот со Груевски, не треба да ја избегнува ниту правдата ниту политичка борба.

– Не можам да судам за ова прашање, бидејќи станува збор за друга земја и имајќи ја оваа позиција нема потреба да отворам дебата за ова прашање. Но, имаме случаи и во Албанија, кога имало притвори што се сметаат за политички, тие се соочувале. Неговото заминување е, исто така, еден вид признавање на вината, без оглед на тврдењата што може да ги изнесе, рече Мета.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток