„Потребно е да се лоцираат вистинските извори на загадувањето за да се применат соодветни мерки, за Македонија да не биде на врвот на листата на најзагадени држави во Европа, како и во светот. Борбата против загадувањето на воздухот да не се сведе на партиски препукувања и мора да се постигне општествен и национален консензус по тоа прашање“, ова се дел од заклучоците од јавната расправа на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, на која се дискутираше за загадувањето на амбиенталниот воздух, по предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов рече дека откако дошол на градоначалничката фунцкија, наследил запуштен град без концепт за решавање на проблемот со загадувањето. Тој посочи дека 53 отсто од загадувањето на воздухот произлегува од неорганизираното затоплување на домовите на граѓаните во Скопје, при што, како што рече, 70.000 домаќинства се надвор од организираниот систем на греење, 22 отсто од загадувањето на воздухот е предизвикано од сообраќајот, додека останатото е индустриската и градежната активност.
– Градот Скопје има обврска да спроведува инспекциски надзор, кој се загадува. Градот имаше само тројца инспектори кога дојдов лани, а сега има 18. Немаше инспекциски надзор во Скопје, се сведуваше редарите да пијат кафе во кафулињата низ Скопје. Сега секој редар во град Скопје има ГПС каде се движи. Имаше 19 обезбедувачи и 11 возачи, и нормално со таков потенцијал градот не може да обезбеди механизам на надзор, рече Шилегов.
Во моментот, додаде тој, Градот подготвува 12 кривични пријави за диви отпади, а во изработка е и закон за комунална полиција, при што планирано е да се вработат 150-200 комунални полицацајци, кои ќе имаат ингеренции какви што ќе одлучат во Собранието при изгласување на законот, а ќе се движат од погрешно паркирање до фрлање отпад.
Првиот човек н Град Скопје, Шилегов, за кандидатурата на Скопје за зелена престолнина, рече дека апликацијата мери 12 показатели – ублажување на климатски промени, приспособување на климатски промени, одржлива урбана мобилност, одржлива употреба на земјиште, природа и биодиверзитет, квалитет на воздух, бучава, отпад, зелени површини, еко иновации…
Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина, рече дека податоците дека Македонија е најзагадена држава се однесуваат на 2015 и 2016 година. Посочи дека е штетно да се создава паника меѓу населението во однос на загадувањето, посочувајќи го примерот од неодамна кога мерната станица во Ѓорче Петров покажувала 1.990 пм честички на метар кубен, што очигледно како што рече, се работи за грешка.
Рече дека годишно се трошат 1,1 милиони кубни метри дрва за затоплување во земјата, а за загадувањето на воздхуот придонесуваат и неконтролираните градби во општините. Истакна и дека буџетот во Министерството за животна средина од 393 милиони на крајот на 2016 година, сега изнесува 550 милиони евра, наменет за различни програми.
Макрдули наведе некои точки од планот за чист возгух, меѓу кои нови 10.000 приклучоци на парно греење, 20.000 домаќинства да го сменат затоплувањето на еколошко, 15.000 нови садници, како и 1.700 садници во сите градинки во Скопје.
„Ја прифаќам бико која критика, свесен сум за одговорноста и секоја критика, само немојте да ме убедувате дека некој друг може повеќе да ја сака ќерка ми од мене. Затоа воздухот, бидејќи е ист, ви гарантирам ќе биде чист“, посочи Макрадули.
Пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека е скандалозно само 750.000 евра од, како што рече, досега најголемиот буџет во историјата на РМ, да се одвојат на борба против амбиенталниот воздух, додека трошењата за стоки и услуги се зголемени за 200 милиони евра, и сега ќе изнесуваат 750 милиони евра.
„Борбата против загадувањето се редуцираше само на 18 мерни станици, министерот за екологија со месеци и години не дал изјава, а Куманово, Скопје и Тетово и натаму остануваат најзагадени градови во земјава“, истакна Ѓорчев.
Тој оцени дека е поразителен податокот дека Македонија е најзагадена држава во Европа, наспроти сите ветувања пред изборите, што ги дала сегашната гарнитура на власт.
Активистката за заштита на животната средина од Пробиштип, Светлана Станојковска, Апелираше на итно носење на Законот за почви и на Законот за минерални суровини, повикувајќи или цел град да се исели, или да се дислоцира тешката индустрија. Додаде оти јапонска организација направила студија за загадувањето на градот, што била толку поразителна оти никој сега не сака да разговара за тоа, од невладината Екосвест, истакнаа дека еден милион евра за загадувањето не се доволни. – Само 15 милиони евра, се собираат од регистрациите на возилата, тврдат од таму.