Скопје

Засадени 40 јасени на Бит-пазар

За првпат на Бит-пазар ќе има дрворед. Засадени се 40 нови здрави висококвалитетни садници од видот јасен, истакна денеска портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху, при промоцијата на овој зафат.

Како што рече тој, Градот Скопје работи на намалување на загадувањето и подобрување на животната средина, односно на надоместување на изгубеното зеленило и зголемување на парковите и на дрворедите.

„Мерната станица на оваа локација изминатиов период покажува висока концентрација на ПМ10 честички, а со зазеленување на овој простор ќе се влијае на намалување на загадувањето. Дополнително, со садењето дрва на оваа локација конечно ќе ги ослободиме тротоарите од возила. Приоритет оваа есен е обновување на сите постојни дрвореди во центарот на градот и подигање нови. Во Скопје по должината на градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите има речиси 500 пенушки кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници“, истакна портпаролот на Град Скопје.

Тој додаде дека минатата недела бил реконструиран дрворедедот на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов каде што биле заменети 40 исечени и паднати дрвја со нови висококвалитетни садници, односно со ист вид дрвја како што претходно имало во овој дрворед.

Салиху најави дека есенва ќе бидат засадени 3.500 листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини.

„Следната недела ќе се реконструира дрворедот на улицата Франклин Рузвелт, а во наредниот период ќе се подигне нов дрворед во Ѓорче Петров“, изјави тој.

Посочи дека сите дрвја ќе бидат засадени внимателно, грижливо, задржувајќи се на автентичните видови какви што имало засадено на тие места.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток