Македонија

Скопје 1 ви посакува Среќна Нова 2021

2020 остана зад нас. Ретко кој ќе посака да се сеќава на годината која во целост ни го промени животот. Од самиот старт се соочивме со коронавирусот, карантини, забрана за патувања, преполни болници, редици за тестирање, социјална дистанца, неизвесност… И покрај оптимизмот цела година помина во исчекување вакцина против КОВИД 19.

Но, сепак 2020 ќе ја паметиме и по неколку позитивни настани.

Се потсетуваме на успехот на филмот „Медена земја“ и историскиот пласман на македонската фудбалска репрезентација, кои ги исцртаа позитивните мигови и национална радост.

Со голот во 56. минута и конечен резултат од 1:0, Горан Пандев на почетокот на минатиот месец ѝ донесе пласман на Европското првенство на македонската фудбалска репрезентација. Пласманот се прослави во Скопје со развиорени знамиња и свирежи од автомобилите. Некои од граѓаните ја прославија победата на Македонија со факли и песна на улиците. Европското првенство ќе се игра од 12 јуни до 12 јули в година.

Во декември бевме сведоци на несекојдневен астрономски настан – привидно спојување на планетите Сатурн и Јупитер во една светла точка на ноќното небо. Во астрономијата овој настан кога положбата на две небески тела што, гледано од Земјата, ќе се најдат приближно на истата права линија, односно блиску едно до друго на небото  се нарекува конјункција.

Што се однесува до годинава во која штотуку влеговме останува надежта дека оваа ќе биде многу попросперитетна. Да се надеваме дека конечно ќе се стави крај на КОВИД кризата.

Желбата на граѓаните е јасна. Здравје, среќа и успех во следните 365 дена.

На почеток