Семејството, пријателите, соработниците, колегите музичари и сите поддржувачи на неговото лик и дело се простуваат од маестро Зоран Џорлев. Тажната вест прв ја објави Огнен Здравковски, внук од сестра на Џорлев кој сподели фотографија со црна боја во знак на почит, пишува А1он.мк
По ова, со коментари и сочувство се јавија бројни музички имиња, како Димитар Андоновски, Александар Тарабунов, Сузана Спасовска, Жаре Бербер, Даниел Данн, Мишел Трајковски, Антонија Гиговска, Сања Гроздановска, Владимир Блажев. Сите со неверување ја примиле веста за смртта на Џорлев кој ја изгуби битката со коронавирусот.
„Бог да му ги отвори рајските порти. Нека почива во мир“, напиша Сузана Спасовска.
„Аман бе, што е ова… Маалскиот мој, златно момче.. Сочувство искрено до цела фамилија. Бог да го прости и да го упокои на вистинско место, баш ми е жал“, коментираше Жаре Бербер.
„Искрено сочувство“, напиша Тања Кочовска.
„Каков златен човек, бог да го прости. Голема загуба“, напиша Александар Тарабунов.
„Оги бе брат.. Се спремавме за во новогодишна емисија да пееме, музицираме заедно, да му се радуваме на животот. Изгубивме голем и редок пример на голем човек и музичар. Сочувство до цела фамилија. Бог да му дарува небесно царство“, напиша Димитар Андоновски.
„Почивај во мир. Не напушти прерано !!! Секогаш насмеан, позитивен и голем борец за македонската музика. Сочуство до неговото семејство. Вечна му слава“, напиша Влатко Лозановски.
„Се сеќавам на денот и зборовите кога ме пречека, “Добредојде сине…” Почивај во мир маестро, патувај мирно кон вечноста. Моето искрено сочувство до семејството и фамилијата“, напиша Давид Темелков.
„Ех, колкава беше таа чест да ја делиме сцената со него….Почивај во мир маестро Џорлев. Нотите вечно ќе ѕвонат за тебе“, напишаа од групата „Шербет“.
„Немам зборови.. Маестрален во секој поглед..душа човек. Легенда на македонската музика. Требаше да снимаме новогодишна емисија… Сочувство за најблиските. Почивај во мир маестро“, напиша Филип Божиновски.
„ Не се договоривме вака да ја почнеме годината. Македонија денес изгуби голем музичар, професор, пред се прекрасен сопруг и татко. Нека ти е вечна слава легендо, свири им на ангелите“, напиша Владимир Блажев од групата „ДНК“.
Џорлев почина на 53-годишна возраст. Тој беше врвен македонски вилионист, вокален изведувач, професор. Причината за смртта е компликации од коронавирусот односно откачување на тромб.
Зоран Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го помина детството, живеејќи на улицата „Пере Тошев“ во близина на киното, заедно со братот Ристо и сестрата Софче.
Тој е дете на Наско и Грозда Џорлеви, а татко му е познат композитор на народна музика и водач на оркестар. Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почна да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште беше одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина“.
Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Познат е по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Работеше како професор по виолина, а беше и директор на ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје. Во јануари 2011, Џорлев беше назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, каде остана до август 2017 година.