Слајдер

НБРМ: Намалена основната каматна стапка

На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, беше одлучено основната каматната стапка да се намали за дополнителни 0,25 п.п до нивото од 1,25%.

Ваквата одлука за понатамошно монетарно олабавување појаснуват од НБРМ, се носи во услови на стабилни движења на девизниот пазар и умерена динамика на инфлацијата, а додека сѐ уште постои неизвесност за здравствената криза и влијанието врз патеката на закрепнување на економијата.

Натамошното олабавување на монетарната политика е заради дополнително олеснување на финансиските услови и натамошна поддршка на домашната економија, имајќи го предвид тековниот развој на пандемијата, којашто сѐ уште трае, додаваат од НБРМ.

На седницата било оценето дека ослободената ликвидност изминатата година од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка е соодветна, при што било одлучено на аукцијата што ќе се одржи денес да бидат понудени благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Понатамошното олабавување на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките и натамошна кредитна поддршка на приватниот сектор, заради ублажување на ефектите од пандемијата врз домашната економија, објаснуваат од Нарoдна банка.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, велат од НБРМ и во последниот квартал од 2020 година забавува падот на бруто домашниот производ.

„Имено, бруто домашниот производ во последниот квартал од 2020 година забележа пад од 0,7% на годишна основа, по падот од 3,3% во претходниот квартал. Со тоа, реалниот пад на економијата во 2020 година изнесува 4,5%, што е во согласност со проeкциите на Народната банка за пад од 4,9%. Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал 2021 година се ограничени и засега тешко можат да се извлечат јасни сигнали за економската активност во овој период“, посочуваат од НБРМ.

Во однос на инфлациските движења, од таму информираат дека во првите два месеца од 2021 година ценовните промени се умерени и се во согласност со очекувањата според последната проекција на Народната банка.

Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона.

фото: Архива

На почеток