По две години од смртта на Есма Реџепова-Теодосиевска, неофицијалната ,,кралица на ромската песна, нејзиното вечно почивалиште конечно доби достоинствено обележје-споменик, објави ако.мк.
Откако никој од нејзините наследници, нејзините многубројни ,,деца“, не се договорија кој ќе ја преземе грижата за гробното место каде почива легендарната македонска пејачка на ромски песни, Владата ја презеде таа обврска и конечно финансираше изградба на споменик.
Навистина е штета што посветата не е според стандардите на македонскиот литературен јазик, па всушност треба да стои Споменикот го подигНа Влада на РМ, а не подига како што е напишано сега.
(Подигна -свршен глагол, подига-несвршен глагол.)
Инаку неодамна за недоразбирањата меѓу наследниците на Есма сведочеше и Симеон Атанасов, едно од посвоените деца на Реџепова. Тој во изјава за Сител рече дека уште по 40-те дена од нејзината смрт сакал да направи споменик, но во тоа бил спречен од внуците на Есма.
– Кој си ти да правиш нешто. Ние сме Реџепови, ти си Атанасов и немаш никакво право на ништо. Брутално бев тргнат на страна , изјави Атанасов.
За наследството на Есма се води судски спор. Според двата тестамента кои таа ги оставила, домот во кој живееше треба да е Музеј во сопственост на државата. Авторските права за нејзината музика да ги добие нејзиниот посвоен син Симеон. Но, и двата тестамента се оспорени од внуците на Есма од нејзините браќа и сестри.