Третата лента на автопатската делница Петровец – Катланово се гради со силен интензитет. Покрај изградбата, вршиме и комплетна рехабилитација на оваа делница како дел од Коридор 10, истакна министерот Благој Бочварски при денешниот увид во градежните работи.
Министерот Бочварски заедно со директорот на ЈП за државни патишта ејуп Рустеми, денеска извршија увид во рехабилитација на автопатската делница Петровец-Катланово, инвестиција од 7,2 милиони евра.
Со проектот се предвидува проширување со трета лента по трасата како и целосна рехабилитација.
“ Ова е делница од Коридорот 10, дел од Европските коридори, за нас многу значајна транзитна патна врска и ова е начинот како да воспоставиме квалитетен, модерен и безбеден автопат ако сакаме да ја одржиме стратешката позиција на земјава во делот на транзит на овој Коридор.
Претходно се реконструираше дел од десниот коловоз, поставен е прв слој на асфалт. Во моментот се работи на левиот коловоз, а како што може да се види се работи и на изградба на уште една нова коловозна лента”, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
“ На левиот коловоз се руши постоечкиот мост над Ржанички канал од причина што мостот е со две коловозни ленти и ќе се изгради нов со 3 коловозни ленти. Во моментов се одвиваат работи и на рехабилитација со проширување на левиот коловоз. Исто така, пред клучката Катланово, во должина од околу 460 метри ќе се изврши проширување на коловозот со уште една лента. На целиот потег што се рехабилитира ќе се замени постоечката еластична oграда”, изјави Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта.
Министерот Бочварски и директорот Рустеми го посетија и контролниот центар за електронска наплата на патарина – Петровец каде се разговараше за модернизација на патарините и на Коридор 8.
видео: министерство за транспорт и врски