Македонија

Уште еден обвинет призна вина за случајот со фалсификат пасоши, доби казна затвор од 1 година и 7 месеци

Основниот кривичен суд во Скопје изрече казна затвор од една година и седум месеци на уште еден од вработените во МВР за издавање на пасоши во случајот „Двојник“, кој призна вина на денешното рочиште. Обвинетиот Шемседин Јашари е петтиот вработен во МВР кој призна вина за делото, откака на минатото рочиште вина признаа четворица негови колеги и еден „поттикнувач”.

Во случајот од првично обвинетите 11 лица, на првото рочиште вина признаа пет лица, а една од вработените во МВР, која беше отсутна поради болест, преднајави признание на вина преку својот бранител и судот ја раздвои постапката за неа.

Судот ги прогласи за виновни за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување четворицата вработени во МВР, кои претходно признаа вина и им одреди казни затвор и тоа: казна затвор од две години и седум месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години за обвинетиот Денис Баруфи, казна затвор од две години и три месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години на Ален Личина, на Ѓорѓе Велков казна затвор од две години и мерка забрана за вршење дејност и должност десет години, додека на Фарук Биља, му одреди алтернатива мерка условна осуда од шест месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од две години не го повтори делото, како и забрана за вршење дејност и должност во период од три години.

Судот на Раиф Мифтари, му одреди казна затвор од две години и три месеци за кривично дело поттикнување.

Според обвинението, во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година, биле издадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.

Извор: Сител 

На почеток