Македонија

Според извештај за организиран криминал, дел од канабисот кој легално се произведува за медицинска употреба во Македонија можеби завршува на црниот пазар

Дел од канабисот кој легално се произведува за медицинска употреба во Северна Македонија можеби завршува на црниот пазар, се наведува во извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“, објави mk.voanews.com. 
Во извештајот се потсетува на неколку случаи на кражба на канабис од магацини на лиценцирани компании, меѓу кои и оној од декември минатата година кога два тони канабис беа украдени од складиште на компанија во селото Јосифово близу Валандово.

Извештајот го анализира целиот нелегален пат на дрогата, од Западниот Балкан до централна и западна Европа, а како посебен регион од интерес е издвоен источниот дел од земјата.

„Источниот дел од Северна Македонија вклучува ‘жешки точки’ каде наркотиците доаѓаат од Бугарија (хероин и синтетички дроги) од Благоевград во Делчево, а канабисот оди во обратна насока… Преку Струмица во Грција се пренесува канабис и хероин, а кокаинот оди во двете насоки. Клучна точка е Велес зашто се наоѓа на патот кој оди од Исток кон Запад, како и на Коридорот 10 кој оди од Север кон Југ“ стои во Извештајот.

Северна Македонија освен на канабис е производител и на синтетички дроги, се наведува во извештајот во кој е опишан случајот од 2017-та кога во нелегални лаборатории во Батинци и во близина на Тетово беа запленети 910.000 таблети „Каптагон“, 52 килограми амфетамини и сировини кои се користат за производство на наркотици.

Според извештајот Северна Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западниот Балкан според заплената на дрога од страна на полицијата, зад неа е единствено Косово.

Во 2019-та биле запленети близу 1.000 килограми дрога (977 килограми канабис и 2 килограми други дроги). Истата година во Србија полицијата запленила над 7.000 килограми, во Албанија над 5.000 а во Босна и Црна Гора по околу 2.000 килограми.

„Шверцот на дрога од размери какви што има на Западниот Балкан е можен само во дослух со државни структури. Оваа ‘заштитничка економија’ опфаќа корумпирани гранични службеници кои ‘гледаат настрана’ на клучните премини, полицајци кои го игнорираат па дури и се вклучени во шверцот. Исто така може да вклучува и политичари кои ги штитат клучните играчи за процент од бизнисот. Фактот што има релативно малку заплени на дрога во регионот сугерира или на небрежност или на корумпираност кај силите на редот“ наведуваат авторите.

 

Текстот во целост на: mk.voanews.com. 

На почеток